Home » ПЛАНИНСКИ ВЕЛОСИПЕДИЗАМ » Маврово Лејк со Никифорово и Галичник Вединг (MTБ)

Маврово Лејк со Никифорово и Галичник Вединг (MTБ)

IMG_4563Дури 4 дена требаа да поминат за да се кандисам да напишам  збор два од викенд бајк акцијата во Националниот парк Маврово. Мислам дека што поскоро ги пренесеш чувствата емоциите и доживувањата од некој викенд евент на лист хартија (читај Ворд фајл), толку подолго ќе опстојуваат во твојата меморија. А бидејќи минатиот викенд беше исполнет и изреализиран во еден “смут” филинг, греота е тоа да не остане забележано и напишано. Повод плус, оној појакиот, беше и фактот што за првпат овој викенд на нашата бајк екскурзија ни се приклучи и Маја. Конечно екипата се комплетира со 5мина учесници и 5 велосипеди онолку колку што збира комбето на Саше и ново проектираниот држач за велосипеди монтиран на приколката од колата. Овој пат со мали измени од Саше, држачот уште во петокот попладне беше спремен да ги прими велосипедите и да ги транспортира до Никифорово, нашата база за тој викенд. Бевме поделени во две групи и 2 коли.

IMG_4563

Во петок попладне заминаа Саше, Снеже и Маја забарката. Воедно во нејзината викендичка во Никифорово ќе бидеме гости следните 3 дена. Во саботата во 7ч утрото заминавме Веле, Јас-Диви и моја Маја. Договорено беше да се сретнеме покрај Мавровско езеро на клучката каде што се двои патот кон Галичник. Попатно застанавме во Славна Дебарца да испазариме по некој од вкусните триаголници и една пита со лута пиперка за Саше и Снеже (но за жал во сабота неправеле). Првиот дел од патот по автопат го возевме како пензионери со пезетка 80км/ч поради калкулацијата со потрошувачка на плин во пежото на Веле. При зголемување на брзината од само20км/ч потрошувачката на гориво беше 30% повисока. Заклучивме дека изгубеното време по автопат ќе го компензираме по угорнините кон Маврово започнувајќи од мостот на Вардар кај Вруток. За час и нешто бевме на договореното место и заедно тргнавме кон Галичник по стрмната угорнина од 6км се до излезот од шумата и земјениот пат што се двои кон бачилата и ски терените. Не сакавме да стартуваме директно од езерото и да искачуваме одма стрмен пат а со тоа ги поштедивме малку 3те девојки и првиот дел од рутата го направивме порелаксиран. Беше добро што за прва бајк тура на Маја се погоди баш ваква дестинација со оглед дека она возеше со стар 18то брзинец Комда Голд од времето на 90тите. Горе на висорамнината не пречека ветар и ладно време. Кон Меденица и Галичник имаше надвиснато темни облаци кои во нас влеваа доза на страв. Им требаа 10тина минути на девојките за да излезат од кола и да се решат да возат. По доручекот направивме една фотка пред инфо таблата и пред нас не чекаше асфалт од 10.5км до сред селона Галичник. Поголем дел од патот на наша среќа беше уздолница па за брзо време веќе бевме во селото. Инаку селото брои еден или двајца стални жители но поради празникот Петровден и традиционалната Галичка свадба, овој викенд селото ќе биде претесно да ги збере сите гости посетители.

IMG_4565

ВО ГАЛИЧНИК

 

IMG_4568

ВО ГАЛИЧНИК СО ПОГЛЕД НА ДЕБАРСКО

На влезот од селото не пречекаа една група невести развеселени уште посабајле во локалното меанче. Саше на шала констатираше дека ако денес тука не си најде невеста и не се ожени, нема никад:).Разменивме малку муабет со нив и се упативме да го разгледаме селото се до крајот кај хотел Неда. А хотел Неда да ти го направиле најнакрај најгоре. Потешко ни се виде стигнувањето до него отколку до Галичник. Арно ама па погледот и видикот кој го пружа терасата не се заменува за ништо и ја прави утринската ракија полезет од се. Доле во далечините назира Дебарското езеро а десно од Радика горе високо селото Присојница. Право преку брдото е селото Гари а доле под Галичник, скриено од нашите погледи лежи селото Јанче и познатиот хотел ресторан на повратникот печалбар Туто од Италија.  Дестинација која ја оставивме за нашата наредна посета на Маврово Реканскиот крај. Во хотелот ја сретнавме и нашата пријателка планинарка Клементина која престојуваше за викендот. Пробавме малку од качамакот и домашното кисело млеко и потоа заминавме во моментот кога видовме дека доаѓа групата невести и жени кои ги сретнавме на почетокот во селото. Имавме неуспешен обид да отидеме до видиковецот на крајот од селото, откако го утнавме патот и заакавме нагоре кон планината. Иако на враќање го уочивме скршнувањето решивме да се вратиме назад и да се упатиме кон селото попатно посетувајќи ја селската црква.  Беше околу пладне и бевме гладни и на некој му текна интересна идеја. Купивме литар домашна ракија од една куќа, кило овчо сирење и секој извади што имаше од своите ранци и направивме трпеза на дрвени трупци на средсело одма до кафанчето на една височинка. Си мезевме пиевме и како на средсело ги пулевме сите кои доаѓаа во Галичник. За брзо селото се наполни со возила и луѓе, а тоа беше знак дека треба да фаќаме џаде и да се упатиме во некоја порелаксирана средина.

А таквото место го најдовме доле кај ранчот за коњи на влез на село. Си уживавме на сонцето и муабетевме со локалното момче каубој на кој му здосадил скопскиот живот па вака за викенди си доаѓа тука да го пушти мозокот на пасење и да се грижи околу турите со коњи наменети за гости. Пред нас следеше патот кој претходно со леснотија го спуштивме а кој сега треба назад да го качуваме.Се сменив со велосипедот со Маја и наредните 7км мака измачив со таа железна неудобна старудија Комда Голд. Осетив како и е на неа и зашто до сега не не дружела на тури. Ќе мора да се одбере и купи нов велосипед за Маја. На ширинката кај колите по краток одмор од искачената узгорница и нешто набран чај ги товаривме точаците и правец кон Никифорово на салата ракија и колбаси. По ручекот направивме една мала визита низ село и до езерото за потоа да се вратиме и спремиме за вечерната фудбал утакмица за трето место помеѓу Бразил и Холандија. Изморени од долгиот ден еден по еден сите се повлекуваа на спиење и никој не успеа да ја догледа до крај утакмицата. Јас заспав при резултат 2-0 за Холандија на 5мин пред крај. Утрото дознав дека во 90та минута холандезите им шибнале уште еден гол.

 IMG_4575

IMG_4595

НА МАВРОВСКО ЕЗЕРО

Утрото не пречека пријатно сонце и веќе во 8часот сите бевме будни и оптегнати кон сонцето како камелеони. Бевме спремни да ја започнеме втората делница од бајк рутата која не чекаше – круг околу мавровско езеро од 34км со попатни 10 паузи. Првиот стоп беше видлив уште од самиот старт а тоа беше од другата страна на езерото кај Маврово Анови во кафанчето со највкусни гибаници ,пита и домашни благи. Се најадовме убаво, некој и репете зема и пат под нозе кон втората третина од патот.  Втора поголема заслужена пауза решивме да направиме во хотел Радика. Откога пристигнавмеизгубивме 15тина минути вртејќи со точаците околу хотелот барајќи пролаз да влеземе ако се може сосе нив внатре на терасата во задниот дел од хотелот. Во еден момент качувајќи се по едни скали од позади се избацив до самиот базен каде се релаксираа гости а кои се изненадија на мојата појава од никаде. Се откажавме од идејата сосе магарчињата ако се можи да влеземе во базенот на терасата, па си ги заклучивме пред влезот и уредно цивилизирано влеговме од предна врата. Убаво беше чувството да одмориш во двор од хотел среден како што доликува со базен и поглед кон езерото и да се напиеш мало пивце за 200 и кафе за 180 денари по особа. Убаво ќе ни дојдеше и посета на спа базенот и едно капење за 940 денари но тоа го оставивме за наредниот пат кога ќе дојдеме на зимување. Не сакавме да губиме многу време и поитавме напред уште 5-6 км до крајната цел Никифорово попатно застанувајќи на познатото место Црн Камен на самото езеро прикладно за топлес сончање и бањање. Иако никој од нас немаше храбростда се бања а ни топлес да се сонче (за ова второво не можам да тврдам со сигурност) ние си поминувавме убаво на карпата се до моментот кога почна многу да дува, освестувајќи не дека не сме на некоја плажа на море туку на планинско езеро на 1200мнв.

IMG_4606

НА БРАНАТА НА МАВРОВО СО КОРАБ ВО ПОЗАДИНА

 

IMG_4584

СЕЛСКАТА ТРПЕЗА ВО ГАЛИЧНИК

Во Никифорово пристигнавме околу 15ч. Родителите на Маја и сестра и со зетот и внукот беа отидени на Галичка свадба. Ние ги натоваривме велосипедите на приколката а девојките спремија шопска салата во комбинација со Шливка ракија. За ручек ги дојадовме колбасите од минатиот ден и набрзо бевме спремни за тргнување кон Скопје. Се договоривме вечерта финалето од светското да го гледаме кај Саше во комбинација со неколку кокошки. Но кокошките ги оставивме за некоја друга прилика, со нас беа Снеже и моја Маја и го проследивме финалето во релаксирана домашна атмосфера. На крај победи Германија со гол во продолжението. И така ни заврши уште еден викенд кој што ќе го памтиме како еден од порелаксираните дружби со бајк.

Игор Тодороски Диви Јули 2014


Leave a comment

FACEBOOK

Facebook Posts

This message is only visible to admins.

Problem displaying Facebook posts.
Click to show error

Error: Server configuration issue

КАЛЕНДАР

<< Nov 2020 >>
MTWTFSS
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6