Home » ПЛАНИНАРЕЊЕ » КОРАБСКИ ВОДОПАД – ВО ЦАРСТВОТО НА КОРАБСКИТЕ ВОДИ

КОРАБСКИ ВОДОПАД – ВО ЦАРСТВОТО НА КОРАБСКИТЕ ВОДИ

Мугри во Скопје, сабота, 4.30 часот наутро. Млакото ветерче кое дува низ скопските улици навестува уште еден жежок ден. Автобусот ги прибира поспаните планинари по Паризанска. Наша денешна цел е Корабскиот (Пројфелскиот) водопад, највисокиот непостојан водопад во Република Македонија, кој се спушта од врвот Мал Кораб (2465 м. н.в.) Планинарскиот марш, долг четириесетина колометри втора година по ред е во спомен на Димитар Боцевски, млад планинар, кој несреќно си го загуби животот.Неговите другари, колеги планинари решија да му го посветат нему походот кон едно од најубавите места во Македонија, во срцето на Корабскиот масив, водопадот на Длабока Река или познат уште како Пројфелски водопад. Планот е дел од учесниците да го посетат водопадот и истиот ден да се вратат назад, а дел од нив ќе останат да кампираат кај водопадот.
Патот води преку Маврови Анови, а потоа по патот за Дебар, од кој, по дваесетина минути возење се одвојува локален асфалтиран пат кон неколку рекански планински села, меѓу кои и Нистрово и Жужње, преку кои води нашата денешна маршрута.
Автобусот по кусо време запира на една чистина покрај реката, од која надесно води патот за Нистрово, сместено во пазувите на планината. Патот натаму е неасфалтиран, иако добро одржуван и доволно широк за леки коли, нo не и за автобус.600943_3759230613609_1676498201_n
Излегуваме во мирисното планинско утро. Сонцето веќе блескаво ги осветлило околните врвови, на кои се уште има остатоци од снег. Свежо е и пријатно за движење. До Нистрово има околу 5 километри. Долу ја оставаме тесната речна долина и се искачуваме на десно. Во селото ќе ни се придружат останатите планинари кои пристигнале со свои возила. Оваа опција ќе се покаже како значителна предност за оние кои планирале да го посетат водопадот и истиот ден да се вратат назад. Петте километри до Нистрово на одење и исто толку на враќање, се дополнително оптоварување за изморените нозе.
Селаните се раздвижени околу своите секојдневни активности. Не поздравуваат додека поминуваме крај нивните дворови. Иако натписите во селото се на албански јазик, тие ни се обраќаат на чист и мелодичен македонски, со рекански дијалект. Средсело џамија, од спротива, преку реката-црква. Мобилната мрежа ја снемува, се појавува роаминг, албански оператор, што не потсетува дека сме навлезени во пограничната зона со Република Албанија.
Продолжуваме кон селото Жужње. Патот нагло се спушта надолу кон реката. Земјен е и во релативно лоша состојба иако го поправаат и, при добри временски услови, по него слободно можат да се движат не само теренски возила. Селото е мало, речиси сосем опустено, до нас допира само мукањето на кравите што пасат наоколу. Сега сме сосема покрај реката, која ја поминуваме преку импровизираното мовче. Водите се надојдени, но бистри и бледозелени, се гледа секое камче на дното. Нема отпадоци во и околу рекичката. Чиста, природна, незагадена, вистинска реткост.
Кус одмор во сенката на селската црквичка Света Варвара, на левата страна на Длабока река. Вратата е отворена, горат свеќи, а внатрешноста, иконите, украсите, и скромниот иконостас се во добра состојба. На сите ни се допадна вдахновената порака на на таблата покрај влезот на црквата, испишана на македонски, албански и англиски јазик: „Патнику, влези и помоли се на Господа, заштити се од невремето, утре пак друг ќе дојде. Благослов“


Се сликаме за спомен, мала закуска и колоната тргнува. Патеката води по селските ливади угоре, лево од реката. Се слушаат коментари дека десниот брег, по кој исто може да се стаса до водопадот, е неподесен за движење оваа пролет поради последиците кои големите снегови и лавините ги оставиле на патеката. Зимата била посурова од обично во овие краишта. Затоа пак, сега тревнатите падини над селото се полни со разлеаните води од снеговите што се топат во погорните делови од планината, па внимателно ја одбегнуваме калта, незгодна за движење. Жештина е. Навлегуваме во појасот од букова шума, низ кој ќе се движиме во наредните три часа. Добредојдена ладовина, запурничава на моменти. Водата од залихите ја трошиме забрзано. Патеката делумно е маркирана, некаде едвај видливо, а наместа сосема ја напуштаме заобиколувајќи ги огромните, од корен откорнати стебла на столетните буки, кои не го издржале налетот на лавините.
Движењето на групата се развлекува. По околу час и половина искачување, излегуваме на чистина од која пука поглед кон Дешат, Стогово и планините од југозападниот дел на земјата. Свртуваме надесно и повторно навлегуваме во шума. Конечно, откако во два наврата ги прегазивме лизгавите косини со заостанат снег, избиваме над шумскиот појас и пред нас на десно се отвора поглед кон врвовите од Корабскиот масив. Од стрмите падини вертикално се обрушуват моќни слапови вода од снеговите што се топат,а бучавата на водата доминира над мирниот пејсаж. Малку понатаму по патеката и веќе пред нас е целта на нашето патешествие- Пројфелскиот водопад, во сета своја големина и убавина. Сме го одбрале вистинското време да го посетиме, коментираат поискусните планинари, зашто сега е најмоќен, има најмногу вода од снеговите, а веќе во август е ослабен, речиси го снемува.
Кус одмор во сенките на карпите и продолжуваме понатаму бидејќи не чека уште еден час одење до самиот водопад иако тој, исправен пред нас, создава илузија дека ви е на дофат. Почнуваме да се спуштаме. Теренот по кој се движиме сега е сув и тревнат, нема висока вегетација. Залихите вода се речиси потрошени. Гледаш вода, слушаш вода, а жеден си. Во еден од засеците, создадени од пролетните води, наидуваме на жив поток со чиста и вкусна вода. Жедно се напиваме а потоа и ги полниме шишињата.
Веќе е 13.30 часот кога пристигнуваме на ливадата крај водопадот, каде што ќе биде и кампот за планинарите кои тука ќе ноќеваат. Нема многу време за уживање и одмор, се нафрламе на сендвичите од ранец, планинарските чевли се вадат, се сликаме за да се овековечиме среде убавинава. Им завидувам на оние што ќе останат тука вечерва и се прекорувам себе си што не си ја земав вреќата за спиење. Ваков амбиент, стабилното и топло време, веселото друштво од неколку планинарски друштва, меѓу кои „Кораб“ и „Бистра“, колбасите и виното што се подготвуваа за вечерната журка- не се пропуштаат.

252234_10150970838708194_705320697_n
Уште малку да поуживам на сонцето и во глетката од карпата што стои издадена над стрмната литица. До мене се најдоа тројца планинари, кои се подготвуваа да го искачат најблискиот врв и тамо да преноќат оти, велат, за утредента се спремале да ги поминат сите корабски врвови. На едниот од нив му го давам едното од моите шишиња со вода оти залихите му се слаби, а патот вечерва не ги носи кон водата. Се прашувам дали ќе му биде доволна.
Време е да се тргне назад. Патот е долг, а уморот си го прави своето. Брзам назад за да не заостанувам зад групата додека направам уште некоја снимка и не наберам малку мајчина душица и коприва, на кои им се намерачив попат. Среќавам и две други планинарки, кои собираат чаеви-нане, кантарион, ајдучка трева. Подкорабските ливади се во полн цват, се истураат од мириси, бои и облици на најразличните планински цвеќиња.

575672_3759246254000_2088119263_n
Трка со времето, со препони, додека забрзано се симнуваме преку соборените буки, разлеаните води. И веќе сме во Жужње. Добивме во време, сега може малку одмор покрај Длабока река, брчкање на нозете во ладните води, па продолжуваме кон Нистрово. Не одминува коњот со својот газда, кој беше изнајмен за да пренесе дел од опремата за кампот кај водопадот. Една изморена планинарка добива четириножен превоз за надолу (коњо-стоп?). Паркираниот џип на друштвото Пеони е следната мета за исцрпените од групата, два-тројца се сместуват во него и заминуваат, пратени од нашите изморени погледи. Ноќта се спушта над планината кога конечно стасуваме до нашиот автобус, сосема долу. Беше тешко, ама вредеше.

600776_10150970837628194_821573272_n

 Југослава Дуковска


Leave a comment

FACEBOOK

Facebook Posts

This message is only visible to admins.

Problem displaying Facebook posts.
Click to show error

Error: Server configuration issue

КАЛЕНДАР

<< Nov 2020 >>
MTWTFSS
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6